Кој сака да ги наруши меѓуетничките односи во Куманово? Два инциденти за два дена!

Сподели со своите пријатели

Само два дена беа доволни за во Куманово да се случат два одделни инциденти кои отворија прашања дали некој намерно се обидува да ги наруши меѓуетничките односи во градот.

Откако викендов беше вандализирано седиштето на Културно-уметничкото друштво „Српски вез“, ноќва со натписите „УЧК“ беа оштетени и неколку мурали и графити во населбата Перо Чичо во Куманово.

Двата случаи предизвикаа реакции во јавноста и осуди од политичари и локални власти, додека институциите работат на нивно расчистување.

Првиот инцидент се случи во ноќта меѓу петок и сабота, кога непознати лица го вандализираа објектот на КУД „Српски вез“.

На ѕидовите беа испишани графити со натпис „УЧК“, а министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ на социјалните мрежи објави и снимка од безбедносните камери на која се гледаат две лица кои пристигнуваат со автомобил, се приближуваат до објектот, испишуваат графити и потоа го напуштаат местото.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово ги започна подготовките за новата сезона со шест нови засилувања

 

 

Стоилковиќ го оцени настанот како сериозен вандалски чин и побара најстроги санкции за сторителите.

Во својата реакција тој оцени дека „ксенофобијата со примеси на шовинизам“ која, според него, подолго време е присутна во јавниот простор, почнува да дава видливи последици.

 

 

Тој нагласи дека нападот е особено загрижувачки затоа што станува збор за простории во кои со фолклор се занимаваат повеќе од 200 деца, додавајќи дека и државата и јавноста треба најостро да го осудат и санкционираат ваквото однесување.

Инцидентот го осуди и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој побара брза и ефикасна реакција од истражните органи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Бомба фрлена во двор во Куманово, за среќа не експлодирала

– Најостро го осудувам вандализирањето на просториите на КУД „Српски вез“ во Куманово. Барам од органите на истрагата да го утврдат идентитетот на сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата. Куманово отсекогаш бил град на мултикултура и соживот, таков и ќе остане. Ваквите дејствија не се патриотизам, туку чист шовинизам кој подгрева национална нетрпеливост против која се сите граѓани на Куманово“, порача Димитриевски.

 

 

Од Секторот за внатрешни работи информираа дека случајот со „Српски вез“ е пријавен, извршен е увид и се преземаат мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на настанот.

Додека јавноста сè уште ги очекува резултатите од истрагата за вандализирањето на КУД „Српски вез“, во текот на ноќта беше регистриран уште еден сличен инцидент.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Младиот фудбалер Леарт Алија од ФК Куманова Милано на пробен период во Австрија

На повеќе графити и мурали во населбата Перо Чичо беа испишани натписите „УЧК“, што дополнително ги зголеми сомнежите дека некој свесно се обидува да испрати пораки кои можат да предизвикаат меѓуетнички тензии.

 

фото: Инстаграм / мк.пиреј

 

Засега не е познато дали двата случаи се поврзани и дали зад нив стојат истите сторители.

Куманово со децении важи за еден од најмултиетничките градови во државата, во кој различни етнички заедници живеат и функционираат заедно. Токму затоа, ваквите инциденти предизвикуваат особено внимание и отвораат прашање дали станува збор за изолирани вандалски чинови или за обид намерно да се нарушат меѓуетничките односи и да се создадат непотребни тензии.

Никола Ивановски