Долгорочниот буџет на ЕУ, конкурентноста и проширувањето ќе бидат меѓу главните приоритети на претстојното претседателство на Ирска со ЕУ, изјави денес ирскиот министер за европски прашања Томас Бирн.
На 1 јули, Ирска ќе го преземе шестмесечното претседателство со Советот на ЕУ од Кипар. Тоа ќе биде осмото претседателство на Ирска со ЕУ.
Берн изјави за бриселскиот портал Политико дека верува оти постои нов моментум за проширување на ЕУ и дека Ирска ќе се фокусира на подобрување на процесот на пристапување што е можно поефикасно, при што Црна Гора се смета за прва во редот за членство, а Украина е исто така приоритет.
Во врска со повеќегодишниот буџет на ЕУ, Берн рече дека „пазарењето“ се загрева затоа што земјите што се нето придонесувачи и оние што се нето приматели на кохезиони фондови отворено изразуваат спротивставени ставови.
Ирскиот министер рече дека Кипар, кој моментално претседава со ЕУ, наскоро ќе презентира преговарачка рамка за буџетот на ЕУ, која ќе ја дискутираат лидерите на ЕУ на јунскиот Европски совет.
Потоа, кога Даблин ќе го преземе претседателството, „интересите за членство можат да почнат да се дискутираат“, изјави тој за Политико Берн.
Во врска со конкурентноста, Берн рече дека Европа конечно има патоказ кон конкурентноста и го опиша сегашниот стремеж кон продлабочување на единствениот пазар како потенцијално „историски генерациски момент“.
Тој истакна дека успехот во однос на конкурентноста, сепак, бара земјите-членки да ги преиспитаат долгогодишните „црвени линии“ и да прифатат компромиси.
Берн, исто така, коментираше дека шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот ги опишала сегашните економски односи на ЕУ со Кина како неодржливи, што довело до конфликт со членките на ЕУ кои сакаат да ги зачуваат врските со Пекинг.
„Кина е ризик за Европа во некои аспекти, без сомнение. Но, во други аспекти, се разбира, мора да работиме со нив“, рече Берн.

