„Еко модна ревија“ утре во СОУ „Перо Наков“

Сподели со своите пријатели

Во СОУ „Перо Наков“ во Куманово утре, 13 мај, со почеток од 18 часот ќе се одржи „Еко модна ревија“, настан посветен на одржливата мода, креативноста и подигнувањето на свеста за влијанието на текстилната индустрија врз животната средина.

Под мотото „Одговорната мода започнува од она што веќе го имаме“, учениците организираат модна ревија која носи порака, а не само стил.

Преку реупотреба и редизајн на облека, учесниците ќе покажат како старите парчиња можат да добијат нов живот и нова вредност.

Во рамки на ревијата ќе бидат претставени четири тематски целини инспирирани од годишните времиња – пролет, лето, есен и зима.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  УХМР со најава за пороен дожд, грмежи и локално невреме

Организаторите преку настанот сакаат да укажат и на негативното влијание на брзата мода врз природата, посочувајќи дека за производство на едно парче фармерки се трошат до 10.000 литри вода, а текстилната индустрија создава значителни емисии на јаглерод диоксид и загадување со пестициди и хемикалии.

„Биди дел од промената“, „Избери свесно“ и „Мисли одржливо“ се пораките кои ќе бидат испратени од ревијата, со цел да се поттикне поголема еколошка одговорност кај младите и пошироката јавност.

Настанот е поддржан од Министерството за образование и наука во рамки на унапредување на мултикултурализам и меѓуетничка интеграција во училиштата.

Никола Ивановски