Зградата на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, како и музичкото училиште „Панче Пешев“ од Куманово добија нови фасади преку проект на Општина Куманово, Амбасадата на Кралството Шведска и УНДП.

Реконструкциите се во рамки на проект за заштита на животна средина и намалување на загадување во градот и заштита на амбиенталниот воздух.
– Едниот проект се однесува на комплетна реконструкција на фасадата во основното училиште „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ и вториот проект е истотака градежни активности на фасадата и промена на прозорците на Музичкото училиште „Панче Пешев“ во Куманово. Во овој проект којшто е од вредност вкупна околу 340.000 долари, Општина Куманово учествува со сопствени средства од околу 10 милиони денари, изјави Димитриевски.
Градоначалникот најави дополнителни три милиони денари во инвестиција на заштита и превенција од пожари, како и изградба на нови системи за противпожарно дејствување во музичкото училиште.
Според амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија, Ола Сулстром, подобрувањето на воздухот и намалување на загадувањето е важно прашање, не само во Куманово, туку на глобално ниво.
– Потребно ни е стратешко политичко водство, потребни ни се конкретни ресурси за да се намали загадувањето, за да се зголеми енергетската ефикасност, за да се намали здравствениот ризик што го предизвикува загадувањето на воздухот, бидејќи ова е многу важно за да имаме јасен пристап и почист воздух за идните генерации, изјави амбасадорот Сулстром.

Според претставникот на УНДП во Македонија, Армен Григорија, најважно е децата да дишат подобар воздух.
– Најважната задача е да се намали загадувањето на воздухот, но не само надвор туку и внатре, бидејќи децата коишто поминуваат долго време внатре во училиштето исто така треба да дишат добар воздух за да се намалат здравствените ризици и во училиштето. Втората работа којашто сакам да ја нагласам е дека со нашите два партнери Шведска и Општина Куманово ние всушност даваме пример за тоа како треба да се работи за да се подобри соработката за добробит на сите граѓани на оваа држава, изјави Григорија.
Тројцата претставници изјавија дека на претходната средба во општината било разговарано и за евентуално проширување на соработката.
Никола Ивановски

