Димитриевски: Недозволиво е Груби по 14 месеци бегство да се врати и да заврши во куќен притвор (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, остро ја критикуваше одлуката на судските органи поврзана со поранешниот вицепремиер Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за сериозен преседан кој ја потврдува нефункционалноста на правосудниот систем.

Според Димитриевски, недозволиво е лице кое подолг временски период било во бегство од државата, по враќањето да добие мерка куќен притвор.

– Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распит завршува дома, изјави тој, нагласувајќи дека „сериозна држава не смее да си дозволи вакви преседани“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Со силна поддршка од Владата, Куманово реализира десетици проекти (ВИДЕО)

 

 

Тој посочи дека Груби бил отсутен од државата повеќе од 14 месеци, а по враќањето, наместо во ефективен притвор, завршил во куќен.

– Јас сум легалист. Кога бев обвинет, редовно се појавував на сите судски рочишта и го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал, тој беше отсутен од државата повеќе од 14 месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем, рече Димитриевски.

Тој нагласи дека одговорноста за ваквите одлуки треба да ја сносат институциите на системот и дека Советот на јавни обвинители и Републичкиот судски совет треба целосно да ги разгледаат постапките.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Нови зелени површини во Куманово преку прекуграничен проект со Бугарија (ФОТО)

– Доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите треба да бидат санкционирани. Во спротивно, ништо не се менува, додаде тој.

Коментирајќи ги споредбите со Сашо Мијалков и фактот дека на ист датум се предале на органите на прогонот, Димитриевски истакна дека јавноста сама ги става во ист контекст бидејќи се враќаат во државата и се соочуваат со правдата, но завршуваат со поблаги мерки.

Потсети и на проектот Коридор 8, наведувајќи дека од тој процес „остана само маичката со бројот осум“, по што Груби исчезнал од јавноста.

– Мене како граѓанин ваквото однесување и ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува, изјави Димитриевски, додавајќи дека ако државата сака да оди кон Европа и да напредува, мора да ги прифати и европските вредности во делот на владеењето на правото.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Завршните сметки ќе може да се поднесат и во сабота и електронски

Во однос на тоа дали ваквата одлука е исправна, Димитриевски упати дека одговорите треба да се побараат од судските власти, нагласувајќи дека „целата постапка ја води таа независна судско-обвинителска власт“.

Никола Ивановски