САД вршат притисок врз НАТО да ги намали мисиите, вклучително и КФОР

Сподели со своите пријатели

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз НАТО значително да ги намали своите странски мисии, вклучително и да ја прекине клучната операција во Ирак, но и да ја намали мировната мисија на Косово, објави „Политико“, повикувајќи се на четворица неименувани дипломати на НАТО.

Според овој медиум, иницијативата од Вашингтон внатрешно се нарекува „враќање во фабрички поставки, а подразбира враќање на Алијансата на нејзиниот основен мандат – колективната одбрана на евроатлантската област, притоа намалувајќи ги активностите надвор од тие рамки.

Во фокусот е и Косово: Сигнал за намалување на КФОР

Како што пишува Политико, САД сигнализираа дека сакаат постепено затворање на КФОР на Косово, иако разговорите за тоа се уште се во рана фаза.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Состанок на Одборот за мир на Трамп: Разоружување на Хамас и судбината на Газа на дневен ред

Мировната мисија, како што прецизира порталот, формирана во 1999 година по војната, моментално брои околу 4.500 војници.

Според истите извори, европските сојузници се загрижени поради таквиот пристап, оценувајќи дека безбедносната состојба на Западен Балкан сепак може брзо да ескалира.

Еден висок дипломат на НАТО изјави дека се „прилично загрижени“ поради обидот за намалување на мисијата, токму поради чувствителноста на регионот.

Енѓелуше Морина од Европскиот совет за надворешни односи оцени дека КФОР се уште е „незаменлив“ за регионалната безбедност и дека евентуалното повлекување може да ги поттикне „сепаратистичките актери на северот на Косово“, но и да има последици за Босна и Херцеговина.

Официјален претставник на НАТО, кој зборуваше во име на организацијата, за Политико изјави дека нема временска рамка за завршување на мисијата во Ирак, ниту за КФОР, нагласувајќи дека сите операции периодично се прегледуваат и се прилагодуваат на безбедносните околности.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поранешниот претседател на Јужна Кореја осуден на доживотен затвор

Крај на мисијата во Ирак?

Вашингтон, според истиот извештај, сака и НАТО да ја заврши својата советодавна мисија во Ирак веќе во септември.

Паралелно, САД планираат да повлечат околу 2.500 војници од Ирак, во согласност со договорот со ирачката влада од 2024 година.

Заменик-шефот за политика на Пентагон, Елбриџ Колби, неодамна зборуваше за концептот „НАТО 3.0“, велејќи им на министрите за одбрана дека „не секоја мисија може да биде приоритет“ и дека клучот за сериозноста е способноста на европските сили сами да ја обезбедуваат одбраната на Алијансата.

Помалку партнери на самитот во Анкара

Според Политика, САД, исто така, вршат притисок врз Украина и нејзините индо-пацифички партнери – Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја – да не бидат поканети на формални состаноци за време на самитот на НАТО во јули во Анкара.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Адвокат: Над четири милиони корисници на Инстаграм се под 13 години

Ваквиот пристап, според соговорниците на овој медиум, е дел од пошироката стратегија на Белата куќа за редефинирање на НАТО како строго евроатлантски безбедносен сојуз, притоа намалувајќи ги глобалните партнерства и активности надвор од примарната сфера на дејствување.

Засега одлуката за прекин на ниту една мисија не е донесена, а за таков потег потребна е согласност од сите 32 членки на Алијансата.