Олимпискиот тим на Израел влезе на стадионот за време на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Милано Кортина во 2026 година со свиркање од публиката.
Слична реакција доживеа и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, на инаку веселата и свечена церемонија на отворање на светската изложба за зимски спортови.
Четиричлената израелска делегација, веејќи го државното знаме и со насмевки, продефилираше низ стадионот Сан Сиро за време на парадата на учесниците, а свирежите набрзо беа совладани од гласна музика.
Многубројната американска делегација првично беше пречекана со овации, но кога Венс се појави на големиот екран на стадионот, дел од публиката почна да го исвиркува.
BREAKING: In a stunning moment, JD Vance was just booed relentlessly at the Olympics. Wow. The Trump-Vance admin is humiliating us on the world stage. pic.twitter.com/06ryMvehDH
— Democratic Wins Media (@DemocraticWins) February 6, 2026
Демонстранти на улиците на Милано
Студениот пречек за Венс не беше изненадување, бидејќи политичките тензии во САД, поврзани со спроведувањето на федералната имиграциска политика, се проширија и во земјата домаќин на Игрите и поттикнаа протести против политиката на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Реакциите во Италија уследија по откритието дека аналитичарите поврзани со одделот на американската управа за имиграција и царина (ICE) ќе ѝ дадат поддршка на американската делегација за време на Игрите, како што беше практика на претходните Олимписки игри.
Стотици луѓе се собраа рано денеска на улиците на Милано на протести под слоганот „ICE OUT“.
Во Кортина д’Ампецо, каде во исто време се одржа парада за спортистите сместени во планинскиот кластер, американскиот тим беше пречекан со громогласен аплауз, а поддршка добија и израелските спортисти.
Во Предаз, каде се наоѓа скокалницата, израелскиот тим беше пречекан со неколку свирежи.
Израелските спортисти пред свеченото отворање изјавија дека се подготвени за потенцијално непријателски прием поради војната во Газа.
11 израелски спортисти убиени во олимпиското село во 1972 година
Од почетокот на прекинот на огнот во октомври, речиси 560 луѓе, главно цивили, се убиени во израелските напади, според здравствените власти во Газа.
Во истиот период, според израелските власти, палестинските милитанти убиле четворица израелски војници.
„Подготвен сум, тие можат да прават што сакаат. Јас само сакам да имам добра и забавна трка и да дадам се од себе“, изјави израелскиот скијач Барнабас Солос пред свеченото отворање.
Израел има болна историја на Олимпијадата.
11 израелски спортисти беа убиени во напад на палестинските милитанти на олимпиското село за време на Летните игри 1972 година во Минхен.
Меѓународниот олимписки комитет долго време одбиваше да им оддаде почит на церемонијата на отворање на следните Игри, и покрај притисокот од нивните семејства и Израел.
Тие конечно беа одбележани по 49 години, на свеченото отворање на Летните олимписки игри 2021 година во Токио.

