Делови од Тексас, Оклахома и северните држави на САД се соочуваат со екстремно студен бран, а метеоролозите предупредуваат дека температурите би можеле да паднат на минус 46 степени Целзиусови во некои делови од Минесота и Северна Дакота.
Студениот воздух од Канада е проследен со масивна, повеќедневна зимска бура која се заканува со обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и потенцијално катастрофални штети на инфраструктурата, објави АП.
Во Тексас и Оклахома, подготовките се во тек – комуналните услуги во Хјустон распоредија 3.300 работници за итни случаи, додека Министерството за транспорт на Оклахома ги посоли автопатите и меѓудржавните патишта.
Замрзнат дожд и лапавица веќе се регистрирани во Ново Мексико, додека синоптичарите предвидуваат до 30 сантиметри снег по патеката на бурата од Оклахома до Вашингтон, Њујорк и Бостон.
Се очекува ледениот бран и снегот да ги оптоварат далноводите и гранките на дрвјата, што би можело да предизвика прекини на електричната енергија со денови, а синоптичарите предупредуваат дека патиштата и тротоарите се потенцијално опасни и во следната недела.
Во области како Чикаго и Де Мојн, училиштата ги откажаа часовите додека жителите обезбедија основни залихи – леб, млеко, генератори и греалки.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, рече дека електроенергетскиот систем „никогаш не бил посилен“, алудирајќи на претходните големи прекини на електричната енергија, додека гувернерите на Џорџија и Мисисипи прогласија вонредна состојба.
Авиокомпаниите откажаа стотици летови закажани за денес и утре, вклучувајќи ги и аеродромите во Далас, Атланта, Оклахома Сити и Талса.
Метеоролозите предупредуваат дека местата со најлошо време можат да се дефинираат само кога ќе пристигне бурата, а граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да останат дома доколку е можно.

