Земјите од Европската Унија не треба да избегнуваат никаква мерка што би можела да биде неопходна за заштита на интересите на заедницата во услови на сè поизразени американски претензии кон Гренланд, изјави потпретседателката на Европската комисија задолжена за конкуренција, Тереза Рибера.
Како што објави „Фајненшл тајмс“, Рибера изјави дека Брисел мора да биде подготвен за решителен одговор доколку околностите го бараат тоа.
„Европската Унија не треба да се откаже од ништо што би можело да биде потребно за заштита на своите интереси. ЕУ има мени на можни мерки“, истакна Рибера.
Таа не прецизираше кои конкретни контрамерки се разгледуваат, но нагласи дека, иако е потребно да се работи на смирување на тензиите, Унијата мора да остане подготвена да реагира со дополнителни потези доколку ситуацијата ескалира.
Изјавите од Брисел следеа откако Доналд Трамп на 17 јануари објави воведување царини против неколку европски земји поради спорот околу Гренланд.
Според најавите од Вашингтон, мерките ќе влијаат на Данска, Шведска, Франција, Германија, Холандија и Финска, како и на земјите надвор од Европската Унија – Велика Британија и Норвешка.
Најавените царини ќе изнесуваат 10 проценти и треба да стапат во сила на 1 февруари 2026 година, со предупредување од американскиот претседател дека тие би можеле да се зголемат на дури 25 проценти од 1 јуни, доколку спорот не се реши.

