Општина Куманово ќе генерира опомените и присилна наплата за неплатени даночни обврски (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово ќе започне доставување на опомени за неплатени даночни обврски за 2025 година и решенија за присилна наплата за неплатен данок во претходната година.

Раководителката на Секторот за даноци и такси, Фросина Краљевска, изјави дека кон крајот на годината традиционално се зголемува интересот на граѓаните за подмирување на даноците.

– Секторот за даноци и такси Општина Куманово изврши генерирање на опомени за неплатени даноци по основ на данок на имот за правни и физички лица за 2025 година, како и неплатена комунална такса за 2025 година, а исто така изврши генерирање на решенија за присилна наплата за неплатена комунална такса за 2024 година. Решенијата се веќе генерирани, ќе почне нивната достава до граѓаните, па еве на овој начин ги повикуваме граѓаните да си ја измират својата обврска и да си го платат данокот и со тоа да не се генерира следната фаза, а тоа се решенија за присилна наплата, изјави Краљевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Малолетник од Куманово нападнат од родител на свој соученик

 

 

За комуналната такса за фирмарина за 2024 година се изготвени вкупно 1.468 решенија за присилна наплата.

Краљевска посочи дека и одреден број фирми кои не вршат дејност остануваат даночни обврзници, бидејќи се водат како активни во Централниот регистар.

– Има одреден број на фирми коишто не обавуваат дејност меѓутоа согласно податоците што ни доаѓаат од Централен регистар фирмите постојат, а со тоа ако нели постојат постои обврска за плаќање приходи по однос за комунална такса, додаде таа.

Комуналната такса за фирмарина изнесува 6.000 денари на годишно ниво.

Раководителката објасни дека процентот на наплатен данок на имот за тековната година се движи меѓу 40 и 50 проценти, но дека граѓаните најчесто плаќаат кон крајот на годината, иако рокот за плаќање е 15 дена од приемот на решението.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Карате клубот „Ронин Доџо“ од Куманово со три медали од турнир во Белград (ФОТО)

– Морам да напоменам дека граѓаните имаат некој тренд на плаќање и тоа секогаш на крајот на годината. Сметаат дека данокот е годишна обврска и секогаш при крајот на годината го плаќаат данокот, иако согласно законските обврски данокот се плаќа во рок од 15 дена од приемот на решенијата. Решенијата се генерираат најдоцна до 31 март во тековната година, појасни Краљевска.

Оваа година се генерирани 22.873 опомени за данок на имот за физички лица и 191 за правни лица, додека вкупниот број на даночни обврзници во општината е околу 38 илјади.

Никола Ивановски