Вандали ноќва нанеле сериозна штета на фонтантата поставена во паркот Соколана во Куманово.
Од Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ најавија дека штетата ќе се санира, а надлежните служби ќе трагаат по сторителите.

– Станува збор за сериозно нарушување и уништување на јавен имот, што е целосно неприфатливо. Надлежните служби ќе постапат согласно своите овластувања, а екипите ќе пристапат кон санација, информираат од претпријатието.
Оттаму ги повикаа граѓаните да пријавуваат вакви случаи за брза и ефикасна реакција.

Осуда за вандалскиот чин пристигна и од градоначалникот Максим Димитриевски.
– Најостро го осудувам вандалскиот чин на уништувањето на фонтаната во Соколанскиот парк. Упатувам апел до сите граѓани да го сочуваме заедничкиот имот и да покажеме општествена одговорност и да го зачуваме она што ни припаѓа на сите, напиша Димитриевски на социјалните мрежи.
Паркот Соколана беше реконструиран изминатата година, но во минатото постојано беше мета на вандали, а најсериозна штета беше нанесена кога преку ноќ некој ги извади и однесе сите клупи од паркот, нешто за што до ден денес не одговараше никој.
Никола Ивановски

