Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово денеска ја расчистуваше дивата депонија на локацијата кај Искрин мост, каде екипите работеа на отстранување на наталожениот отпад.
– Денеска сме на локација Искрин мост, каде екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ вршат расчистување на мини депонија. Истата акција ќе продолжи и во наредниот период, на секоја локација кајшто е констатирано дека има депонија, истите ќе бидат расчистени“, изјави новиот директор Сашо Томиќ.
Тој посочи дека ќе следува состанок со градоначалникот за разгледување на финансиската состојба и обезбедување дополнителни средства за оваа намена.
– Апел до граѓаните да се воздржат од фрлање на отпад на секоја локација. Мора да ја подобриме соработката со комунална инспекција, секаде каде што ќе се констатира фрлање на отпад мора да постојат ригорозни санкции и казни за тие граѓани, потенцираше Томиќ.

Тој додаде дека претпријатието се стреми повторно да обезбеди можност за наградување на совесните граѓани.
„Ние своевремено имавме акции за граѓаните, делевме специјални корпи и канти за отпадоци, ќе гледаме да обезбедиме некоја донација и совесните граѓани да бидат наградени, кои се совесни и редовно си ги плаќаат сметките. Воедно апел сите што ги немаат измерено обврските во најбрз можен рок да дојдат, спремни сме да направиме договор за плаќање на повеќе месечни рати, потенцираше директорот.

Во делот на приоритетите, Томиќ истакна дека ќе се потруди да ја промени сликата на јавноста за оваа јавно претпријатие, но истакнува дека најголем проблем останува недостиг на механизација.
– Ќе се обидеме да ја подобриме перцепцијата кај граѓаните за јавното претпријатие, имаме проблем со механизација, специјални возила, имаме голем број возила кои се со дефект, се трудиме нешто да ја подобриме таа слика, ќе разговараме со градоначалникот и се надеваме дека ќе биде подобро, рече тој.

Како што посочи Томиќ, паралелно денеска освен чистење на дивата депонија, се одвива и акција за садење на зимзелени и листопадни дрвја на градскиот кеј и во парковите во Куманово.
Никола Ивановски

