Најмалку 50 лица, меѓу кои 22 деца, загинаа синоќа во израелските напади врз Појасот Газа, додека еден израелски војник загина во борбите на таа палестинска територија, пренесе агенцијата Франс прес.
„Најмалку 50 лица загинаа, меѓу кои 22 деца, во израелските напади врз Појасот Газа кои траат од синоќа“, изјави портпаролот на Цивилната заштита на Газа, Махмуд Басал.
Тој додаде дека се ранети околу 200 луѓе.
Нападите се „јасно и флагрантно кршење на договорот за прекин на огнот“, рече Басал, додавајќи дека ситуацијата во Појасот Газа е „катастрофална и застрашувачка“.
Израелската армија соопшти дека еден нејзин војник бил убиен вчера во Појасот Газа, и покрај прекинот на огнот кој е на сила од 10 октомври меѓу Израел и палестинското движење Хамас.
Според извештаите, 37-годишниот војник загинал во борбите на југот на Појасот Газа.
Армијата го обвини Хамас за кршење на примирјето.

