Вооружен човек идентификуван како воен ветеран во неделата со возило влегол низ влезната врата на мормонска црква во Мичиген, пукал од автоматска пушка и ја запалил црквата, убивајќи најмалку четири лица и ранувајќи осум пред да загине во престрелка со полицијата, соопштија официјални лица.
Полицијата соопшти дека сторителот, идентификуван како Томас Џејкоб Санфорд (40), поранешен американски маринец од блискиот град Бартон, исто така намерно ја запалил црквата, која била зафатена од пламен и чад.
Две жртви од пукањето загинаа, а осум други се хоспитализирани, соопштија официјални лица.
Неколку часа по пукањето, полицијата објави дека пронашла уште најмалку две тела во остатоците од црквата кои сè уште не биле расчистени.
„Веруваме дека ќе најдеме уште неколку жртви“, изјави началникот на полицијата во Гранд Блан, Вилијам Рење, на прес-конференција.
Стотици луѓе биле во црквата кога Санфорд го возел својот автомобил во зградата.
Двајца полицајци се упатиле кон местото на настанот и се вклучиле во размена на оган со осомничениот, убивајќи го, рече Рење.
Тој додаде дека истражителите ќе ги пребараат домот и телефонските записи на напаѓачот за да го утврдат мотивот.
Убиецот, воен ветеран од Ирак
Американските воени записи покажуваат дека Санфорд бил американски маринец од 2004 до 2008 година и ветеран од војната во Ирак.
Друг 40-годишен маринец кој служел во Ирак е осомничен за пукање во Северна Каролина во кое загинаа три лица, а пет беа ранети помалку од 14 часа пред инцидентот во Мичиген.
Полицијата во Саутпорт, Северна Каролина, го обвини Најџел Макс Еџ за пукање од брод во бар на брегот во саботата навечер.
Во Мичиген, жена која се претстави како Паула го опиша своето бегство како „надреално“ во интервју за телевизијата WXYZ.
Пукала во парохијаните додека бегале
„Слушнавме голем тресок и вратата експлодираше. А потоа сите истрчаа“, рече таа, додавајќи дека немало обезбедување и дека стрелецот отворил оган врз парохијаните додека бегале.
Мормоните, формално познати како Црква на Исус Христос на светиите од последните дни, ги следат учењата на Исус, но и пророштвата на Џозеф Смит, Американец од 19 век.
Гранд Блан, со околу 7.700 жители, се наоѓа околу 100 км северозападно од Детроит.
„Срцето ми се крши за заедницата Гранд Блан“, рече гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, во соопштение објавено на социјалните мрежи.
„Насилството насекаде, особено на места за богослужба, е неприфатливо“, додаде таа.
Претседателот Доналд Трамп во соопштение за Truth Social рече дека пукањето „се чини дека е уште еден целен напад врз христијаните во Соединетите Американски Држави“ и рече дека ФБИ е на местото на настанот.