Под насловот „Кокино – Тврдина на сонцето“ на 21 август ќе се одржи еден од најголемите културни настани во кумановско со мноштво културни активности во подножјето на Кокино, долж обележаната патека и во просторот на самата опсерваторија.
Програмските активности на настанот почнуваат во 17:00 часот кога ќе се одржуваат организирани, едукативни тури до опсерваторијата, работилници за филигран, керамика, компостирање, оригами, а паралелно со нив и предавање од областа на астрономијата.
Перформативните активности на настанот стартуваат со поетско читање, со кое се отвора главната сцена во 19:00 часот. По читањето продолжува музичка програма, перформанси во живо – Кирил Џајковски, Фолтин и Мухамед Ибраими.
За затворање на настанот, вистинско уживање, набљудување на ѕвездите и кино под отворено небо. Избор на краткометражни филмски продукции за опуштено затворање на целодневната дружба. Влезот за настанот е бесплатен, а за истиот е организиран и автобуски превоз од Скопје.
Билетите за организираниот автобуски превоз на релација Скопје – Кокино – Скопје чинат 200 денари. За време на настанот ќе биде регулиран и пристапот до локацијата со автомобили, за што пак е обезбеден посебен паркинг простор, кој посетителите ќе ги чини 100 денари од возило.
Бидејќи специфичноста на локацијата наметнува посебни услови пред сѐ од безбедносен и еколошки аспект, апелираме до посетителите во што поголем број да го користат организираниот автобуски превоз. Доколку сепак се одлучите на настанот да дојдете со сопствено возило, поради строго ограничениот капацитет ве советуваме што поскоро да го осигурате билетот за пристап до паркингот на настанот – велат организаторите.
Сите средства од продажбата на овие билети ќе бидат донирани за помош на загрозеното население од поплавените подрачја, а со цел да се соберат што повеќе средства, на локацијата каде што ќе се одржува фестивалот ќе има и пунктови за донации.
Билетите за возилата и за организираниот превоз се достапни во претпродажба преку продажната мрежа на „МК тикетс“: http://www.mktickets.mk/ kokino