Тибетскиот будистички духовен водач Далај Лама, во пресрет на неговиот 90-ти роденден, изјави дека се надева дека ќе живее уште 40 години и ќе наполни 130.
Далај Лама го изјави ова денес во говорот за време на церемонијата организирана од неговите следбеници за да се молат за неговиот долг живот пред неговиот 90-ти роденден утре, објави Ројтерс.
Во говорот во северниот индиски град Дарамшала, каде што живеел откако избегал од Тибет во 1959 година, Далај Лама рече дека иако ја изгубил слободата и живее во егзил, верува дека успеал да направи многу добро во својот живот.
„Намерувам да им служам на суштествата и дхармата (учењата на Буда) колку што можам“, рече тој.
Далај Лама претходно во декември изјави дека би можел да живее до 110 години.
Пекинг го смета Далај Лама за сепаратист и инсистира дека кинеските лидери мора да го одобрат неговиот наследник, следејќи ја традицијата што датира од империјалното време.
Далај Лама, сепак, претходно изјави дека ќе биде реинкарниран во „слободниот свет“ и им рече на своите следбеници дека единствениот авторитет за признавање на неговата реинкарнација ѝ припаѓа на неговата институција – „Гаден Фодранг Траст“.
Далај Лама јасно им кажа на своите следбеници дека прашањето за неговото наследство и реинкарнација нема да зависи од надворешни фактори, туку исклучиво од неговата организација, пренесува Танјуг.