Универзитетскиот град и поранешен главен град на американската сојузна држава Џорџија, Милеџвил е идилично место со историски шарм, грст зеленило, блиското езеро и река.
Но, Милеџвил е познат и по најголемата психијатриска болница во светот, која денес изгледа како мал град на духови.
Напуштени соби, ‘рѓосани апарати и необични гробишта каде илјадници столбови обележани со бројки создаваат морничава атмосфера која ги привлекува љубителите на мрачниот туризам.
Бодликавата жица и запуштените ходници будат љубопитност за тајните на пропаднатиот санаториум отворен во 1837 година.
На туристичките тури посетителите можат да дознаат како санаториумот примал 17.000 пациенти одеднаш.
Водичот ќе ја раскаже и приказната за Тилман Барнет, првиот пациент кој умрел набргу откако го преминал прагот на санаториум.
Поради психичка болест го врзале со синџири за да не избега на пат кон болница и го принудиле да пешачи со километри. Исцрпен и уморен, Тилман не живеел долго. Но, ова е само една во морето морничави и тажни приказни кои го пишуваат минатото на оваа болница.
Илјадници Американци биле лекувани тука, често против нивна волја. Лекарите користеле класични психијатриски методи од тоа време, од лоботомија до електрошокови, но и многу помалку софистицирани техники на затворање на пациентите во метални кафези, принудно туширање со ладна или топла вода.
До 1950 година, бројот на пациенти го надминал капацитетот на болницата. Имало двесте, дури триста пациенти по лекар кои не можеле да ја добијат соодветната грижа и внимание потребни за закрепнување.
Болницата почнала да се затвора во текот на 1960-тите и 1970-тите и извесно време функционирала како затвор, но дури во 2010 година ги затвориле вратите засекогаш.