Потпретседателот на Транснефт, руската државна компанија која има монопол врз транспортот на нафта, почина откако наводно паднал од прозорецот на својот стан во луксузното московско предградие Рубљовка, објавија денес државните медиуми.
Транснефт потврди дека Андреј Бадалов починал на 62-годишна возраст, но не коментираше за околностите на неговата смрт.
Компанијата објави дека неговата работа била обележана со „тежок и стресен период“ поради западните санкции, пишува „Москва тајмс“.
„Според првичните информации, причината за смртта е самоубиство“
Телото на Бадалов е пронајдено под прозорецот на зграда на автопатот Рубљово-Успенское, објави државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименуван полициски извор.
„Според првичните информации, причината за смртта е самоубиство“, рече изворот, додавајќи дека е во тек прелиминарна истрага.
Бадалов е задолжен за дигиталната трансформација на Транснефт од јули 2021 година, кога беше назначен за потпретседател.
Неговата смрт е најновата во низата нерешени смртни случаи на раководители од рускиот енергетски сектор откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Најмалку четири смртни случаи во 2022 година беа поврзани со државниот енергетски гигант „Газпром“, додека други вклучуваа раководители од „Новатек“ и „Лукоил“.