Отворениот градски базен во Куманово од средината на минатата недела е ставен во функција и досега го посетиле над 1.000 лица.
Со базените стопанисува Јавното претпријатие „Куманово паркинг“, а како што рече денеска директорот Андрија Маџовски, интересот е задоволителен.
– Интересно во среда имаше околу 60-70 дечиња, но за жал малку беше ладно времето, водата беше ладна, досега имавме околу 1.000 дечиња што за почеток е добро, се надевам дека од наредната недела, еве и денеска времето е малку потопло, дека ќе имаме и поголем број посетители, изјави Маџовски.
Најголем број посети, како што вели, се белеат за викендот.
Цената на билетот е непроменета од минатата година и изнесува 150 денари. Сепак, шанкот за храна и пијалаци и годинава нема да работи.
– Цената останува иста, 150 денари е билет, условите се исти, правилникот е тој, ги замолувам да ги почитуваат правилата на базенот, а во врска со пијалаците нема интерес за пријавување за пуштање на шанкот во употреба, појасни Маџовски.
На базенот се ангажирани и спасители кои ќе се грижат за безбедноста на капачите.
Никола Ивановски