Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итно, едномесечно примирје откако рускиот лидер Владимир Путин еднострано објави тридневно примирје за следниот месец, по повод одбележувањето на годишнината од Втората светска војна.
„Сега има нов обид за манипулација. Од некоја причина, сите треба да почекаат до 8 мај и дури тогаш треба да се воведе прекин на огнот за Путин да може да има мир за време на парадата. Ние ги цениме човечките животи, а не парадите. Веруваме дека и светот верува дека нема причина да се чека до 8 мај. Прекинот на огнот треба да се воспостави веднаш, а не да трае само неколку дена за да може убивањето да продолжи подоцна“, рече Зеленки, според „Гардијан“.
Украинските власти, исто така, потсетија дека Русија претходно објави слично примирје за време на Велигден, но потоа го прекрши.
Путин предложи прекин на огнот во мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна, велејќи дека Киев треба да го следи примерот на Москва.
Доколку двете страни се придржуваат до договорот, тоа би било прво целосно прекин на огнот откако започна руската инвазија на Украина пред повеќе од три години.
Дотогаш, борбите продолжуваат, а серија експлозии одекнаа во Киев во раните утрински часови во вторник, откако украинските воздухопловни сили издадоа предупредувања за воздушен напад врз главниот град, објави очевидец за Ројтерс.
Украинската војска соопшти дека системите за воздушна одбрана се обидуваат да го одбијат воздушниот напад.