Милијардерот и близок соработник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Илон Маск, ѝ понудил на инфлуенсерката Ешли Сент Клер 15 милиони долари и месечни исплати од 100.000 долари за да го прикријат заедничкото раѓање на нивниот син.
ДНК-тестот ја потврди „веројатноста за татковство“ на Маск на 99,9 проценти, објави Page Six.
Детето, по име Ромул, го нема презимето на Маск на изводот на родените.
Според весникот, Маск во пораките до Сент Клер рекол дека „двапати бил на списокот за атентати, веднаш по Трамп“, а навел и безбедносни причини зошто сакал веста за детето да остане тајна, додавајќи дека „преживува само параноичниот“.
Сент Клер ја одби понудата на Маск, велејќи дека тоа ќе направи нејзиниот син да се чувствува „нелегитимно“ и посочи дека договорот не предвидува создавање на фонд за доверба на детето во случај на болест или смрт на Маск.
Во февруари Сент Клер на социјалните мрежи објави дека има дете со Маск.
„Пред пет месеци родив бебе. Илон Маск е таткото“, напишала тогаш таа.
По нејзиното јавно обраќање, Маск ја повлече понудата од 15 милиони долари и ги намали месечните исплати прво на 40.000, а потоа на 20.000 долари, објавија медиумите.
Маск призна дека ги испратил парите на Сент Клер, но изрази сомневање за неговото татковство.
„Не знам дали детето е мое или не, но не ми пречи да дознаам. Без судски налог, на Ешли и дадов 2,5 милиони долари и и испраќам 500.000 долари годишно“, напиша Маск, пренесе Танјуг.
Во февруари, CTO Сиобан Зилис, исто така, објави дека го родила четвртото дете со Маск, со што бројот на неговите потомци се искачи на 14.