Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, размислува за затворање на речиси 30 амбасади и конзулати како дел од плановите за спроведување значајни промени во американското дипломатско присуство во странство, според внатрешен документ на Стејт департментот до кој имал пристап i-EN.
Во документот се препорачува затворање на 10 дипломатски претставништва и 17 конзулати, вклучително и два во БиХ, конзуларни одделенија во Мостар и Бања Лука, пет конзулати во Франција, два во Германија, еден во Обединетото Кралство, еден во Јужна Африка и еден во Јужна Кореја.
Во документот се препорачува и намалување на присуството на американските дипломатски претставништва во Сомалија и Ирак, земји кои беа клучни за напорите на САД во борбата против тероризмот, пренесува Танјуг.
Администрацијата на Трамп, поттикната од Одделот за владина ефикасност на Илон Маск, прави напори да ја намали големината на федералната администрација.
Се уште не е познато дали американскиот државен секретар Марко Рубио го одобрил предложеното затворање на американските дипломатски претставништва.