Пратеникот на американскиот претседател Стив Виткоф три дена по средбата со Владимир Путин изјави дека рускиот претседател сака „траен мир“ во Украина.
„Можеби сме на работ на нешто многу, многу важно за целиот свет“, изјави Виткоф синоќа во интервју за американскиот канал Фокс њуз.
Американскиот претседател Доналд Трамп сака да стави крај на војната во Украина и ја скрши дипломатската изолација што Западот му ја наметна на неговиот руски колега за да разговара за тоа.
Неговата администрација одржува одделни разговори со високи руски и украински претставници, но досега тие разговори не доведоа до сеопфатен прекин на непријателствата.
Дипломатските преговори продолжуваат, без решителни отстапки од Москва. Киев и некои западни земји ја обвинуваат Русија, чија армија е поголема и подобро опремена на фронтот, дека намерно ги одложува преговорите.
Виткоф се сретна со Путин во петокот во Санкт Петербург по трет пат откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари.
Состанокот, кој траеше повеќе од четири часа, на кој присуствуваа двајца блиски советници на рускиот претседател, Јуриј Ушаков и Кирил Дмитриев, се покажа како „убедлив“, рече американскиот претставник, додавајќи дека се појавуваат „контури“ на мировниот договор.
Виткоф рече дека „трговските можности“ меѓу САД и Русија се дел од разговорите и може да „донесат вистинска стабилност во регионот“.