Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон изјави денеска, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, дека е важно да им се помогне на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и посочи дека Унијата сака „силна и стабилна Србија“.
Таа ја изрази својата загриженост за ситуацијата во Босна и Херцеговина, особено за сецесионистичката реторика која и штети на земјата на нејзиниот пат кон ЕУ.
„Она што се случува во нашиот регион е важно. Ние сме особено загрижени за ситуацијата во Босна и Херцеговина, особено за сецесионистичката реторика, која секако и штети на земјата на патот кон Европската унија“, изјави Фајон пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи.
Таа рече дека вчера на неформална средба со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан била договорена геостратешката неопходност од помагање на земјите на патот кон ЕУ до 2030 година.
Таа потсети дека Албанија вечерва ќе отвори ново поглавје и рече дека Црна Гора добро напредува на својот европски пат.
„Се надевам дека друга земја на овој пат ќе ги забрза реформите“, рече Фајон и додаде; дека ЕУ „сака силна и стабилна Србија“.
Фајон потсети на иницијативата на Словенија и Германија за забрзување на процесот на проширување со воведување на гласање со квалификувано мнозинство, што, според неа, ќе ги забрза преговорите и ќе ги отстрани некои пречки во билатералните односи меѓу двете земји.
Фајон денеска во Луксембург присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој ќе разговара за случувањата во Западен Балкан, каде ситуацијата се влошува, особено во Босна и Србија. На дневен ред се и руската агресија во Украина и настаните на Блискиот Исток.