Пентагон ја разреши жената командант на американската база Питуфик на Гренланд, Сузана Мајерс, откако таа упати внатрешна критика за посетата на потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џеј-Ди Венс, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на таа земја.
Во е-пошта до персоналот на базата на 31 март, Мајерс изрази загриженост за коментарите на Венс за време на неговата посета три дена претходно, велејќи дека ставовите што ги изразил во тоа време „не ги одразуваат вредностите на базата Питуфик“, пишува Брисел Политико.
„Не тврдам дека ја разбирам актуелната политика, но она што го знам е дека ставовите на американската администрација за време на посетата на потпретседателот не ја претставуваат нашата база. Се додека ја имам честа да ја водам оваа база, сите наши знамиња ќе се веат гордо“, изјави Мајерс.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, објави дека Мајерс е ослободена од должноста и нагласи дека „нема да се толерираат дејствија кои го поткопуваат синџирот на команда или ја поткопуваат агендата на американскиот претседател Доналд Трамп“.
Во соопштението директно не е наведено дека причината за промената е мејлот што Мајерс го испратил, но изјавата е придружена со линк до извештајот на порталот „Military.com“, кој прв ја објави веста за пораката.
Венс ја посети базата Питуфик на 28 март како дел од делегацијата на САД, во време кога Трамп го засилува притисокот врз Данска со цел САД да ја преземат контролата врз Гренланд – самоуправна територија богата со стратешки минерали и клучна локација на Арктикот, истакнува Политико.
За време на посетата, Венс го критикуваше данското управување со Гренланд и тврдеше дека територијата ќе биде побезбедна под американска заштита поради зголемените закани од Кина и Русија.
Тој, исто така, ја обвини Данска за недоволно инвестирање во безбедноста и инфраструктурата на Гренланд.
На неговите изјави реагираа данските и гренландските власти. Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Леке Расмусен, рече дека земјата е отворена за критики, но не и за таков тон на комуникација, додека новиот премиер на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, посочи дека „Гренланд не е на продажба“ и дека иницијативите на Трамп се „закана за политичката независност“ на островот Танјуг.