Бројот на електронски услуги во Македонија е зголемен речиси тројно во изминатите две години, додека нивното месечно користење е зголемено и до десет пати. Ова го истакна заменик-министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасијевиќ Варџиски, на Самитот за дигитализација на Западен Балкан 2026, кој се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Настасијевиќ Варџиски учествуваше на министерски панел со претставници на земјите од регионот, на кој се дискутирало за напредокот, предизвиците и идните приоритети во процесот на дигитална трансформација.

Во своето обраќање, тој ги претстави резултатите и стратешките проекти на Македонија, нагласувајќи дека дигитализацијата треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните и компаниите.
Меѓу приоритетите на Министерството за дигитална трансформација се воведувањето на мобилната апликација „м.Услуги“, проширувањето на мрежата на центри за услуги, унапредувањето на интероперабилноста меѓу институциите и дигитализацијата на јавната администрација.
Во план е и изградба на современа и безбедна дигитална инфраструктура, вклучително и подготовка за изградба на Национален дата-центар.

Посебен акцент бил ставен на обуките за граѓаните и административните службеници, сајбер-безбедноста и развојот на вештачката интелигенција.
На панелот биле претставени и проектот „Везилка“, поврзувањето со европската инфраструктура за вештачка интелигенција, како и улогата на двата Европски дигитални иновациски хабови во развојот на овој екосистем.
Според Настасијевиќ Варџиски, регионалната соработка во науката, иновациите и бизнисот е важна за Македонија да не биде само корисник на новите технологии, туку и активен учесник во нивниот развој.

„Успехот на дигиталната трансформација не се мери само со стратегии и проекти, туку со времето што го заштедуваат граѓаните, можностите што ги добиваат компаниите и довербата што ја градиме во институциите“, истакна тој.
Тој посочи дека Македонија ќе продолжи со инвестиции, реформи и партнерства насочени кон унапредување на дигиталните услуги, зголемување на конкурентноста и поблиско поврзување со европскиот дигитален простор.
Никола Ивановски

