Германија ќе обезбеди 11 милијарди евра воена поддршка за Украина до 2029 година, изјави денеска украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.
Умеров рече дека испораките планирани за оваа година ќе помогнат да се зајакне воздушната одбрана на Украина и да се поддржат трупите на Киев на бојното поле, пренесува Ројтерс.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска изјави дека ЕУ одвоила над 23 милијарди евра за помош на Украина оваа година.
Претходно денеска Велика Британија најави зголемување на воената помош за Украина во износ од 580 милиони долари.
Велика Британија објави дека во заедничка иницијатива со Норвешка ќе издвои нешто повеќе од 580 милиони долари за набавка на стотици илјади воени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и за поправка и одржување на оклопните возила на Украина со цел да останат оперативни на фронтот, пренесе АП, пренесува Танјуг.