Руската војска зазеде четири упоришта на украинските вооружени сили во правец на јужен Доњецк, соопшти утрово руското Министерство за одбрана.
Првиот заменик началник на Генералштабот на руските вооружени сили Сергеј Рудској изјави дека руската армија контролира околу 75 отсто од територијата на регионите Доњецк, Запорожје и Херсон, додека во областа Луганск помалку од еден отсто од територијата останува под украинска контрола, пренесе Интерфакс.
„Минатата година руската војска воспостави контрола на речиси 4,5 илјади квадратни километри во зоната на специјални воени операции во Украина“, рече Рудској.
Тој во интервју за весникот „Краснаја звезда“ изјави дека од почетокот на оваа година руските сили презеле контрола врз уште 600 квадратни километри украинска територија.
Рудској посочи дека минатата година била пресвртна точка во остварувањето на целите на специјалната воена операција.
„Режимот во Киев повеќе нема да може значително да ја промени ситуацијата на бојното поле. Непријателот во голема мера ја загуби способноста да го произведе потребното оружје, опрема и муниција. По правило, мобилизацијата се врши насилно и не дозволува надополнување на големите загуби на бојното поле, а уште помалку за формирање на нови стратешки резерви“, рече Рудској.
Според него, украинските загуби за време на „специјалната воена операција“ надминале еден милион луѓе.