Израел Кац: ИДФ енергично ќе го спроведува примирјето во Либан и ќе одговори на заканите на Хезболах

Сподели со своите пријатели

Израелската војска (ИДФ) енергично ќе ја спроведе одлуката за прекин на огнот во Либан и ќе дејствува против каква било закана од Хезболах, бидејќи војниците остануваат на пет стратешки позиции во земјата, изјави денеска израелскиот министер за одбрана, Израел Кац.

Loading...

„Од денес, ИДФ ќе остане во тампон зоната во Либан на пет стратешки пунктови и ќе продолжи да применува сила и без компромис против какво било прекршување од страна на Хезболах“, рече Кац.

Тој нагласи дека Хезболах мора да се повлече зад реката Литани и дека либанската армија е обврзана да ја разоружа милитантната група под надзор на механизмот формиран под американско водство, пишува „Тајмс оф Израел“.

Кац додаде дека израелската војска е посветена на обезбедување безбедност за сите заедници во северен Израел.

Портпаролот на израелската војска Надав Шошани во понеделникот потврди дека Израел ќе остави мал број војници на пет стратешки локации во јужен Либан по истекот на рокот за повлекување на израелските трупи според примирјето со Хезболах.

Тој исто така посочи дека потегот е во согласност со договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Првичниот рок за повлекување на израелската војска беше крајот на јануари, но под притисок на Израел, Либан го продолжи рокот до денес.

И покрај потпишувањето на договорот за прекин на огнот, Израел продолжи да изведува воздушни напади во јужен и источен Либан, тврдејќи дека цели на „воени локации со проектили и борбена опрема“.

Loading...

Според условите на прекинот на огнот со посредство на САД во ноември минатата година, израелските војници добија 60 дена да се повлечат од јужен Либан, каде што спроведуваат копнена офанзива против членовите на Хезболах поддржан од Иран од почетокот на октомври минатата година, пренесува Танјуг.