Во мала сала на Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Театар Куманово викендов ја имаше својата прва премиера оваа година, а тоа е претставата, „Смрт и девојка“.
Станува збор за претстава која е реализирана со сопствени средства на институцијата.
Драмата „Смрт и девојка“ од аргентинскиот писател Ариел Дорфман, е инспирирана од диктаторскиот режим на Пиноче во Чиле, во периодот од 1973 до 1990 година, ќе отвори многу прашања поврзани со правдината, траумата, осветата, довербата, поддршката, простувањето, помирувањето и ефикасноста на општествените системи праведно да управуваат со своите тешки, но многу важни прашања.
Дејството во драмата се случува по падот на диктатурата во неименувана јужноамериканска земја, што ѝ дава универзалност на темата, при што фокусот е ставен на последиците од политичкото насилство врз поединците, а особено над жените.
Една случајна средба ќе иницира конфронтација помеѓу минатото и сегашноста, ќе оживее најдлабоки стравови и гнев, поврзани со едно киднапирање и мачење за време на диктатурата.
Драмата остава силен впечаток поради неизвесноста што го принудува гледачот да размислува за моралните дилеми, личната ангажираност и учество во општествените текови, особено ако се неизмерно тешки, но и поради својата актуелност, која за жал никако не поминува.
Во претставата играат Марко Трајковиќ, Владо Дојчиноски, Сања Русеска, а под режисерска палка на Мирослав Петковиќ.
Сашо Костовски е драматург на претставата, костимографијата е на Дарко Илиевски, Мишо Димитријевски е задолжен за видеодизајн, инсталацијата е дело на Крсто Богојевски, а дизајн на плакат Игор Спасовски и Мишо Димитријевски.
Никола Ивановски