Министрите за надворешни работи на шест европски земји и Украина потврдија дека Европа и Киев мора да „учествуваат во сите преговори“ за решавање на руско-украинскиот конфликт.
„Сакаме да разговараме со нашите американски сојузници по кој пат да одиме“, се вели во соопштението објавено синоќа, на крајот од состанокот на шефовите на француската, германската, полската, италијанската, шпанската, британската и украинската дипломатија во Париз.
„Нашите заеднички цели мора да бидат Украина да биде во позиција на сила. И Украина и Европа мора да учествуваат во сите преговори“, се додава во соопштението.
Како што е наведено, Украина мора да има корист од силните безбедносни гаранции.
„Праведен и траен мир во Украина е неопходен услов за силна трансатлантска безбедност“, се додава во текстот, потсетувајќи на посветеноста на европските земји за „независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет“ на Украина.
Средбата се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави средба со рускиот претседател Владимир Путин и предвиде прекин на огнот во Украина „во не толку далечна иднина“.
Американскиот претседател го информираше украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговиот разговор со Путин.
Од своја страна, Владимир Путин му рекол на Доналд Трамп дека сака да најде „долгорочно решение“ за украинскиот конфликт преку „мировни преговори“, соопшти Кремљ.