Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во своето божиќно обраќање ги повика граѓаните на Германија да се обединат и да ја отфрлат омразата.
„Омразата и насилството не смеат да го имаат последниот збор. Да не се делиме, да бидеме заедно“, порача германскиот претседател во своето обраќање до граѓаните на Германија, објавено во вторник.
Осврнувајќи се на петочната трагедија, кога Саудиец од непознати причини со својот автомобил уби пет и повреди над 200 луѓе на божиќниот пазар во Магдебург, тој рече дека во моментов владее несигурност и страв кај многу германски граѓани.
„Сите овие чувства се разбирливи, но не смеат да не совладаат и парализираат“, рече Штајнмаер.
„Падот на владата не значи крај на светот“
Во својата порака, која на самиот Божиќ ќе се емитува на јавната телевизија, германскиот претседател се осврна на изминатата политичка година во Германија и падот на коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц.
„Иако сегашната влада предвреме ја заврши својата работа, тоа не значи крај на светот. Германскиот устав има решение за вакви случаи“, рече Штајнмаер.
Како што најави претходно, за датумот на распуштање на Бундестагот ќе одлучува по божиќните празници.
Германскиот претседател рече дека земјата се соочува со многу предизвици и кризи и ги повика Германците да веруваат во своите сили и доблести како што се единството, трудољубивоста и креативноста во решавањето на проблемите.
„Тие ни помогнаа и во минатото во надминувањето на предизвиците и кризите… но мораме отворено да зборуваме за тоа што е лошо во нашето општество и што треба итно да се реши“, рече Штајнмаер.