Никола Богдановски е најдобар пожарникар, а Аднан Бислими најдобар полицаец во Општина Куманово за 2024 година.
Наградите за најдобри полицаец и пожарникар за 2022 година, традиционално ги додели градоначалникот Максим Димитриевски во име на Општина Куманово, кој им се заблагодари за нивното професионално извршување на работните задачи, за нивната посветеност и грижа за граѓаните, посакувајќи им успеси во иднина.
– Во мое лично име и во име на граѓаните им се заблагодарувам за нивниот професионален ангажман и верувам дека истите ќе бидат пример и за останатите нивни колеги во службата. Оваа година која одминува имавме високо ниво на соработка со полицијата во градот, а дополнително и нашите пожарникари многу ревносно и професионално си ја извршуваа својата работа, рече Димитриевски.
На предлог на вработените во Тертироијалната противпожарна единица Куманово за најдобар пожарникар е избран пожарникарот – спасител Никола Богдановски.
– Шест години како работам како пожарникар спасител. Оваа година беше напорна година, учествуваме и во други општини, во Општина Неготино на планината Серта на гаснење пожари. Очекуваме помалку работа следната година. Сакам да им се заблагодарам на сите вработени во ТППЕ Куманово, посебно на командирот Деан Илиевски што ме избраа за најдобар пожарникар за 2024 година и на моето трето одделение бидејќи сите интервенции ги извршував заедно со нив, изјави Богдановски.
На предлог на Секторот за внатрешни работи Куманово, за најдобар полициски службеник е избран Аднан Бислими кој работи во Полициската станица за интервенција.
– Вработен сум во Министерството за внатрешни работи од 2003 година, значи 21 година стаж во МВР. Една голема благодарност до старешинскиот кадар при СВР Куманово што ја ценеле досегашната моја работа и благодарност до колегите без кои не би го постигнал овој успех, рече Бислими.
Најдобрите пожарникар и полицаец заедно со нивните претпоставени денеска во Општина Куманово го испија и првото утринско кафе со градоначалникот Максим Димитриевски.
Никола Ивановски