Следната година ќе имаме уште поквалитетно украсување, рече вчера на седница на Советот, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски.
Како што рече праксата за фрлање пари за изнајмување украси е минато. Општината сама ќе си набавува украси и од година во година ќе ги има се повеќе.
– Директорот на ЈП „Паркинг“ работи согласно годишната програма која му ја донел овој совет и постапува по истата во делот на набавка на нови украси. Ние не рентаме како во минатото за 4-5-6 милиони денари по сезона, туку домаќински купуваме секоја година во износ од два до три милиони денари. Тие остануваат во наша трајна сопственост и истите соджрини ги збогатуваме. Затоа куманово преку ноќ нема целосно да биде украсено, но факт е дека од година во година со поголем број набавки се збогатува таа содржина и веќе следната година ќе имаме уште поквалитетно украсување, изјави градоначалникот.
Лесно е да се фрлат многу пари за украсување, вели Димитриевски, но посочува дека не може да се крати од инфраструктурата.
– Многу лесно може да дадеме и 10 или 15 милиони денари као одредени општини, да одвоиме од програмата изградба на инфраструктура и улици и Куманово да биде најубаво украсено, но тоа ќе трае 15 дена тие пари ќе се поторшат и по празниците треба да се вратиме на реалноста а дупките и комуналните проблеми ќе ни останат, рече градоначалникот.
Одговарајќи на прашањето на советникот Александар Јовановски, градоначалникот рече дека малиот плоштад исто така е украсен и нема потреба од употребна дозвола, затоа што не се гради нов, туку само се реконструира веќе постоечкиот.
– Плоштадот има упоребна дозвола, не правиме нова градба, туку санација и адаптација и делумна реконструкција и за тоа не е потребна употребна дозвола бидејќи истиот има употребна дозвола кога во времето на комунизмот е изграден како што е изгаден, рече тој.
Плоштадо во меѓувреме заштитен како културно наследство и секоја активност при реконструкцијата строго се мониторира од Конзерваторскиот центар, бидејќи измени не треба да има, особено не да бидат оштетени спомен обележјата.
Никола Ивановски