Земјите од Европската унија (ЕУ) вештачки ја уништуваат побарувачката на гас на штета на сопствените економии, што ќе доведе до натамошно намалување на потрошувачката на гас во Европа и затворање на енергетски интензивните индустрии, објави Газпром.
„Политиката на земјите од ЕУ доведе до натамошен пад на потрошувачката на гас, затворање на енергетски интензивните индустрии и префрлање на производствените капацитети во други региони. Европската потрошувачка на гас ќе продолжи да се намалува. Стапката на опаѓање ќе зависи особено од идните одлуки“, се вели во соопштението.
Покрај тоа, европското производство на гас не се очекува да расте на долг рок поради исцрпувањето на сопствената база на ресурси, пренесува Capital.ba.
Во однос на светската побарувачка за гас, според првите прелиминарни проценки, потрошувачката на гас во периодот јануари-октомври е зголемена за 80 милијарди кубни метри во однос на истиот период лани, а повеќе од 70 отсто од овој пораст обезбедиле Русија и Кина и Индија.
Побарувачката за традиционална енергија продолжува да расте во позадината на геополитичката нестабилност и зголеменото внимание на прашањата за енергетската безбедност.
Се предвидува дека оваа година потрошувачката на гас ќе ја зголемат и земјите од Централна Азија – Казахстан, Узбекистан и Киргистан. На долг рок, Кина се очекува да продолжи да има високи стапки на раст на потрошувачката на гас.
„Енергетските системи базирани на природен гас и долгорочни договорни односи ја докажаа својата издржливост, што е особено вредно во контекст на менување на глобалните пазари. Во иднина природниот гас ќе игра фундаментална улога во глобалниот енергетски сектор“, изјавија од Газпром.