Израел во средата ги врати телата на 88 Палестинци убиени во воената офанзива во Појасот Газа, кои Министерството за здравство на територијата одби да ги закопа пред Израел да ги открие деталите за нивниот идентитет и локацијата каде што биле убиени.
Телата биле донесени во Газа во контејнер натоварен во камион преку премин под израелска контрола, но според палестинските власти нема информации за имињата или возраста на жртвите, ниту за локацијата каде загинале овие луѓе, пренесува Ројтерс.
Здравствените работници во болницата Насер во Кан Јунис одбија да ги примат и погребат, повикувајќи го Меѓународниот комитет на Црвениот крст да побара и добие детали за жртвите од Израел.
Директорот на владината канцеларија за медиуми во Газа, управувана од Хамас, рече дека претставници на Министерството за здравство му рекле на возачот на камионот да ги врати палестинските тела на израелскиот премин од каде што пристигнал.
Тогаш камионот ја напушти болницата, а Црвениот крст соопшти дека не е вклучен во процесот на транспортирање на телата на жртвите.
„Повторуваме – сите семејства имаат право да добиваат вести за своите најблиски и да ги погребаат со почит и во согласност со традицијата“, се вели во соопштението објавено од МКЦК.
Според меѓународното хуманитарно право, секој што загинал за време на вооружен конфликт мора да биде третиран со достоинство.
Законот бара телата да се бараат, собираат и евакуираат, што помага да се осигура дека луѓето не се сметаат за исчезнати“, се додава во соопштението на МКЦК.