Актерот Сашко Коцев ќе биде лауреат на 27то издание не Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.
Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ на отворањето на годинешниот фестивал, ќе му ја врачи наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во областа на театарската уметност.
– На свое тло е доста потешко да ја добиеш оваа награда, ти ги знаат сите маани и доблести, но јас сум како од овој театар излезен и излезен надвор на печалба. И мене тука публиката ми вели дека ме нема во кумановскиот театар и во право се. Имаше една „за малце ќе играв“ тоа беше „Ленче кумановче“, но не успеав. Пред нас се уште претстави и премиери и со задоволство би сакал, рече Коцев.
Како што рече, драги спомени го врзуваат токму со Театар Куманово и фестивалот „Денови на комедија“ иако од 2006 година не е дел од кумановскиот актерски ансамбл.
– Кога ќе добиеш награда и признание е уште потешко. Каде потоа, што потоа? Навлекуваш еден товар врз себе. Си добил признание, публиката знае и товарот е уште потежок затоа што публиката има лупа низ која се гледа и нема за ништо да ти прости, затоа што ти не смееш да бидеш просечен, туку дека си на врвот и тука мора да останеш. Тоа е особено стресно кога ќе стигнеш до било која награда, додава тој.
Актерката Александра Михајловска Величковски, која е дел од советот на фестивалот кој одлучи токму Коцев да ја добие наградата, вели дека ова не е класична награда за животно дело, туку за придонес во комедиографијата.
– За придонесот во нашата фела и уметност, зборува целото дело и кариера на Сашко Коцев, нема потреба од дополнително објаснување зошто. Зборува сето тоа што го има направено во својата кариера, целокупниот однос кон сите чинители на театарот кое можеби публиката не може да го види, но го гледаат колегите на сцена и зад сцена, што е еднакво важен како резултатот на сцена. Апсолутно ги заслужува сите награди и се надевам дека ова му е награда која ќе му отвори нешто, оти е во зрел период од животот и кариерата кога допрва ќе добива награди, вели таа.
Актерот Сашко Коцев е всушност најмладиот добитник на наградата „Васил Иљоски“. Истата ќе му биде додела на отворањето на фестивалот на 24ти септември.
Како што рече директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски, годинава на репертоарот на фестивалот ќе се најдат вкупно 11 претстави од Македонија, Бугарија и Србија.
– Отварањето е со театарската претстава од Велес, „Вечер за глупаци“. Билетите традиционално ќе почнеме да ги продаваме неколку дена пред почетокот на фестивалот, рече Тодоровски.
Новитет годинава ќе биде тоа што на фестивалот свои претстави ќе имаат и студентите од факултетите за драмски уметности.
– Ги поканивме и Факултетот за драмски уметности од Скопје и ЕСРА, студентите да бидат дел од пропратната програма на фестивалот. На 30ти и на 7ми октомври би требало да имаме изведба на тие претстави во рамките на фестивалот „Денови на комедија“, додаде директорот.
Традиционално фестивалот и годинава ќе го затвори Театар Куманово со премиера на претставата „Ноќ спроти Водици“.
Никола Ивановски