Илјадници жени протестираа во Индија

Сподели со своите пријатели

Илјадници жени протестираа во неколку индиски градови во текот на ноќта поради силувањето и убиството на лекарка, а премиерот Нарендра Моди повика на казнување за злосторствата врз жените.

Loading...

Со свеќи и транспаренти, жените протестираа и во Калкута на истокот на земјата, каде минатонеделното убиство предизвика протести на лекарите, кои бараат подобри и побезбедни услови за работа, пренесува Ројтерс.

Претходно оваа недела, многу градски болници низ Индија ги суспендираа сите услуги освен одделенијата за итни случаи, бидејќи помладите лекари седеа на протест пред болниците, барајќи правда за жртвата.

31-годишна лекарка била пронајдена мртва во петокот. Полицијата соопшти дека била силувана и убиена, а осомничениот потоа бил уапсен.

„Како општество, мораме да размислуваме за злосторствата извршени врз нашите мајки, ќерки и сестри. Во земјата постои гнев против ова. Го чувствувам тој бес“, рече Моди во своето обраќање по повод 78. Денот на независноста.

Сличен случај се случи во Њу Делхи во 2012 година, кога група мажи силуваа и сериозно повредија 23-годишна студентка во автобус, што на крајот ја предизвика нејзината смрт.

Лекарите во преполните и често сиромашни државни болници долго време се жалат дека се преоптоварени и недоволно платени, а исто така известуваат дека луѓето често се насилни кон нив, лути поради недостатокот на соодветна медицинска нега.

Злосторствата против жените во Индија се зголемија за четири отсто во 2022 година во споредба со претходната година, според податоците на Националното биро за евиденција на криминал објавени кон крајот на минатата година.

Loading...