Во Лас Вегас вчера беа измерени рекордни 49 степени целзиусови, со што беше соборен рекордот од 2007 година.
Во главниот град на државата Невада температурата вчера била за 20 степени повисока од температурниот просек за тој период од годината, покажуваат податоците на Националниот метеоролошки институт (NWS).
„Имаме работа со навистина експанзивен и екстремен топлотен бран. Се очекува периодот на високи температури да продолжи оваа недела“, објаснува метеорологот Брајан Џексон.
Тој додава дека 36 милиони луѓе се загрозени поради актуелниот топлотен бран.
„Најлошата ситуација во моментов е во источен Орегон, Невада и Ајдахо“, рече Џексон.
Поради високите температури, луѓето стравуваат од шумски пожари и избегнуваат да излегуваат надвор.
„Излегов надвор во попладневните часови, воздухот беше многу сув. Беше премногу топло, беше многу загушливо”, рекол еден жител на Лас Вегас.
Викендов им била укажана помош на шестмина мотоциклисти на кои им се слошило на патот поради високите температури.
Еден од нив за жал починал во болница, додека другиот е во тешка состојба.
„Ги повикуваме луѓето паметно да избираат активности во согласност со моменталните температури. Ве советуваме да избегнувате излегување надвор во најтоплиот дел од денот“, апелираат властите во Невада.
Највисоката забележана температура на Земјата е 56,7 степени и е измерена во 1913 година во Долината на смртта, која се наоѓа недалеку од Лас Вегас.