Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, наводно сака да ја спречи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да присуствува на неформалниот состанок на шефовите на државите на ЕУ што ќе се одржи на 17 јуни во Брисел, на кој треба да се разговара за распределбата на функциите во Европската унија.
Политико пренесува дека Мишел е тој што одлучува кој ќе присуствува на неформалниот самит и дека прави се за да не ја покани Фон дер Лајен.
Порталот потсетува дека постои долгогодишно ривалство меѓу Мишел и фон дер Лајен, што најдобро се одразува во скандалот „софагет“ пред неколку години кога Мишел при посетата на Турција побрза да седне на фотелјата до турскиот Претседателот Реџеп Таип Ердоган, поради што фон дер Лајен седна на софата.
„Земјите-членки се сè повеќе иритирани од улогата на Шарл Мишел во процесот на избор на претседател на Комисијата. Се чини дека тоа е водено од чисто лични мотиви“, изјави неименуван дипломат на ЕУ.
Како што потврдија за Политико неколку извори, кои инсистираа на анонимност, многу водачи на ЕУ го отфрлаат предлогот на Мишел и веруваат дека Мишел се обидува да го спречи потенцијалниот втор мандат на Фон дер Лајен поради долгогодишното ривалство.
Се додава дека некои се сомневаат дека Мишел смислува шема за да се вметне во трката за следен шеф на надворешната политика на ЕУ.