Според Абас Аслани, ирански новинар и истражувач, иранските власти го гледаат нападот на Израел, кој беше ограничен по обем, како обид на земјата да го „спаси образот“ откако Иран изврши напади во текот на викендот.
– Малку е рано да се процени дали е готово или не, но во овој момент… се чини дека не избива регионална војна – изјави Аслани за Си-Ен-Ен, истакнувајќи дека се уште има шанси ситуацијата да ескалира.
Иранските медиуми објавија снимки и фотографии од сцени од секојдневниот живот во земјата по воздушниот напад што ја погоди провинцијата Исфахан.
Воздушната одбрана пресретнала три беспилотни летала, изјави ирански претставник, по извештаите за експлозии во близина на воена база во централниот регион.
Аеродромот во Исфахан работеше нормално откако претходно беа затворени аеродромите низ целата земја, според новинската агенција Тасним.
Израелски функционер за „Вашингтон пост“ изјави дека нападот со беспилотно летало на иранска воена локација рано утринава имал цел да испрати порака до Техеран дека Тел Авив може да изврши напад во Иран.
Цел на израелските беспилотни летала била воената база во Исфахан во централниот дел на Иран, од која пред неколку дена беше извршен масовен напад врз Израел.
Од друга страна, висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека Иран во моментов нема план да му возврати на Израел, во врска со наводите дека Израел извршил напад на иранска територија.
Американските власти потврдија дека Израел извршил воени операции против Иран и дека Тел Авив ја предупредил администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден дека ќе нападне во следните 48 часа, пишува Си-Ен-Ен.
Извори на американската телевизија истакнаа дека во тоа предупредување Израелците го уверувале Вашингтон дека иранските нуклеарни постројки нема да бидат цел.