Во 85. година од животот, почина Мирољуб Лалевски – Нини, легенда на македонската и кумановската кошарка, објави кошаркарската федерација на Македонија.
Еден од симболите на кошаркарскиот спорт во овој град, и кој има посебно место во историјата на македонската кошарка.
Личната спортска биографија почна да ја пишува уште во 1952 година, како „пионер“ во древната „Соколана“ во Друштвото за телесно воспитување „Партизан“, во секцијата за кошарка.
Својот прв официјален настап го има во 16.година, секако, со другарите од „Соколана“, како Мице, Пачко, Чедомир Глигориевски, Лали, Мите-Шуга, и другите „пајташи“, односно „мајстори на својот занает“ на паркетот.
За паметење е неговиот настап против скопски „Трговски“ кому му уфрли дури 57. кошеви, еден од рекордите во македонската клупска кошарка.
Во 1962 година, играчката ја замени со судиска кариера. Почетокот беше во Втората сојузна лига, а не помина многу време од неговото „деби“ во најсилната, Прва „А“ лига на Југославија.
Во богатата спортска кариера, беше играч, тренер, судија, технички раководител, возобнувач на клубот од Куманово по повеќегодишна пауза. Беше и претседател на клубот, спортски директор, советник…
А ако треба некому да се додели „златна свирка“ за животно дело, афирмација на кумановската, македонската кошарка, во половина век, тогаш таа оди кај нашиот, кај легендарниот „Чичко Нини“!
Погребот на Мирољуб Лалевски-Нини ќе биде во сабота, од 14.часот, на градските гробишта во Куманово.