Бахмут останува епицентарот на борбите со руските сили, објавија утрово украинските вооружени сили, откако Русија изминатиот викенд тврдеше дека руските сили го зазеле градот во источна Украина.
Борбите продолжуваат во Бахмут, а руските сили продолжуваат со офанзивните акции, соопштија украинските сили, пренесува Гардијан.
Украинските сили известија дека во текот на изминатиот ден руските сили „неуспешно се обиделе да ги вратат загубените позиции јужно од (блиската) населба Иванивска“.
Русија исто така изврши воздушни напади врз Бахмут.
Гардијан пишува дека не е во состојба да ги потврди спротивставените изјави на украинската и руската страна за Бахмут.
Евгениј Пригожин, лидерот на руската приватна паравоена организација „Вагнер“, во саботата објави дека руските сили презеле целосна контрола над Бахмут.
Руското Министерство за одбрана тогаш потврди дека Бахмут е, како што се наведува, „ослободен“, по што рускиот претседател Владимир Путин им честитал на организацијата „Вагнер“ и на припадниците на руските вооружени сили за заземањето на тој украински град.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата негираше дека руските сили го зазеле Бахмут.
Претходно, Ројтерс објави дека Зеленски одговорил на прашањето дали Бахмут сè уште е под контрола на Киев: „Мислам дека не е така“.
„Денес Бахмут е само во нашите срца“, рече Зеленски и додаде дека „таму нема ништо“.
Американската агенција Асошиетед прес исто така објави дека Зеленски потврдил дека Русија ја презела контролата врз Бахмут.