Во невремето во Калифорнија загинаа 17 лица, едно петгодишно дете се води како исчезнато, а властите наредија евакуација на бројни области, пренесоа денеска агенциите.
Поројните дождови во последните два дена паднаа на заситени со вода и предизвикаа големи поплави, откорнати дрвја, излевање на патишта и прекин на сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, а на места и автомобили беа однесени од порои.
Бројот на жртвите од невремето во последните недели се искачи на 17, а тоа е повеќе човечки животи отколку што одзедоа пожарите во последните две години, соопшти кабинетот на гувернерот Гевин Њусом.
Најмалку 34.000 луѓе беа замолени да ги напуштат своите домови.
„Нашето страдање не е завршено. Очекуваме невремето да продолжи до 18 јануари“, рече гувернерот на прес-конференција.
Метеоролозите велат дека ново невреме ќе ја погоди Калифорнија
„Досега е потврдена смртта на 17 лица“, рече тој, но бројот на жртви може да биде поголем.
Во гратчето Пасо Роблс, на половина пат помеѓу Лос Анџелес и Сан Франциско, петгодишно момче во понеделникот било однесено од водата и се води како исчезнато, објави шерифот.
Поројот го заробил автомобилот во кој бил со мајка му, кој го извлекол сосед. Властите мораа да ја прекинат потрагата во понеделникот поради невремето.
Во Бејкерсфилд двајца возачи загинаа кога дрво падна на патот, објави Лос Анџелес Тајмс.
Вчера, околу 110.000 домаќинства и бизниси останаа без струја, според веб-страницата PowerOutage.
Националната метеоролошка служба (NWS) наведува дека по краткото одморање синоќа, Калифорнија ќе ја зафати ново невреме со дожд до 18 сантиметри на северот на таа американска држава.
Калифорнија со децении страда од суша
Калифорнија беше погодена од бура „атмосферска река“ – огромна струја на густа влага во воздухот што доаѓа од океанот, феномен што не е забележан од 2005 година, според NWS.
Северно од Лос Анџелес, во близина на Санта Барбара, крајбрежната општина Монтесито каде живеат бројни ѕвезди и познати личности, вклучително и принцот Хари и Меган Маркл, на жителите им беше наредено да се евакуираат во понеделникот.
Таа енклава, каде актерката Џенифер Анистон и ТВ водителката Опра Винфри имаат луксузни вили, всушност е микрокосмос на крајностите на кои е изложена Калифорнија, која со децении страда од суша.
Пред пет години, огромен пожар ги зафати планините околу Монтесито, а резултатот од уништената вегетација беше свлечиштето.
„Планетарното затоплување ја зголемува фреквенцијата и интензитетот на временските екстреми“
Во јануари 2018 година, 23 лица загинаа во одрони од кал предизвикани од дождовите.
Во понеделникот, телевизиската водителка Елен Деџенерис, која исто така живее во Монтесито, објави видео од свлечиштето на Твитер.
Евакуација беше наредена и во други региони, како што е округот Санта Круз во близина на Сан Франциско.
Иако е тешко да се воспостави директна врска помеѓу низата од овие бури и климатските промени, научниците редовно објаснуваат дека затоплувањето на планетата ја зголемува зачестеноста и интензитетот на екстремните временски настани.
Невремето минатата недела веќе го прекина снабдувањето со електрична енергија на илјадници жители, предизвика големи поплави и лизгање на земјиштето, само неколку дена по поројниот дожд на самата Нова година.
Сепак, тие исклучителни дождови нема да бидат доволни за да се надополнат резервите на вода во Калифорнија, бидејќи ќе бидат потребни неколку зими со исклучително високи количини на дожд, велат експертите.