Од епидемијата на колера починаа 292 лица, а во градот Блантаер во Малави се заразени 9.447, соопшти денеска министерката за здравство на таа земја Кумбизе Чипонда.
Стапката на смртност на тој начин се зголеми на 3,1 отсто, во споредба со априлските два отсто, пренесува Ројтерс.
Повеќето од смртните случаи се во четирите области кои се граничат со езерото Малави и во Блантаер, вториот по големина град во земјата, според британската агенција.
Чипонда рече дека најголем дел од смртните случаи настанале затоа што пациентите побарале помош само во доцните стадиуми на болеста.
„Ова е првпат да доживеам ваква силна колера пред сезоната на дождови“, рече Виолет Мота, вработена во една од болниците, додавајќи дека „најлошото допрва доаѓа, бидејќи сегашните случаи се евидентирани пред почетокот на обилни дождови“.
Малави допрва треба да ја започне втората фаза од вакцинацијата против колера, откако претходно овој месец пристигнаа 2,9 милиони дози од Светската здравствена организација, пренесува Ројтерс.