„Жена од минатото“ од авторот Роланд Шимелфениг, а во режија на Нела Витошевиќ, е новата ПРЕМИЕРА во сезона 2015 година, соопшти денес Театар Куманово.
Темите за осаменоста, отуѓеноста, рушењето на интегритот на поединецот, влијание на случувањата од минатото врз иднината, непостоењето на етички норми и принципи, неснаодливоста во ова време се доминантни во драмата „Жена од минатото“.
Добитникот на голем број награди за драма, Роланд Шимелфениг е еден од највозбудливите гласови на модерниот театар. За него слободно може да се каже дека е моментално најиграниот и најпоставуваниот современ автор во Европа.
Неговите драми се играат во повеќе од 40 земји, секогаш проследени со огромен успех поради оргиналниот и иновативен стил на пишување на авторот. За неговите успеси зборуваат и многубројните награди за најдобар драмски текст: Else Lasker-Schüler Prize за текстот „Риба до риба“, Schiller Memorial Prize, Radio Play of the Year за текстот „За подобар свет“, Else Lasker-Schüler Dramatikerpreis, Mülheim Dramatists Prize за текстот „Златниот змеј“ и Nestroy Theatre Award за текстот „Push up 1-3“).
Актерска екипа: Александра Пешевска Игор Ангелов, Јасмина Василева, Марко Трајковиќ, Нина Максимова