Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран

Сподели со своите пријатели

Албанија одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран, како одговор на сајбер нападите што беа извршени на веб-страниците на Владата на таа земја во јули оваа година, а одлуката во средата на социјалните мрежи ја потврди и премиерот на Албанија. Еди Рама, пренесува агенцијата Анадолија.

Loading...

„Опсежната истрага обезбеди непобитни докази дека сајбер агресијата врз земјата била организирана и спонзорирана од Исламската Република Иран“, рече Рама во видео пораката.

Тој потсети дека на 15 јули Албанија беше цел на „сериозен сајбер напад чија цел беше уништување на дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија и парализирање на јавните услуги, како и кражба на податоци и електронски комуникации од владините системи“.

„Нападот не ја постигна целта. Во споредба со целите на агресорот, штетата може да се смета за мала. Сите системи се повторно ставени во функција и ништо не е неповратно изгубено“, рече албанскиот премиер.

Рама додаде дека Советот на министри на Албанија веднаш донел одлука за прекин на дипломатските односи со Иран.

Одлуката е соопштена во дипломатска нота до Амбасадата на Исламската Република Иран, од која било побарано „сиот дипломатски, техничко-административен и безбедносен персонал да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа“.

„Остраната истрага докажа дека сајбер агресијата врз нашата земја била оркестрирана и спонзорирана од Исламската Република Иран, која ангажирала четири групи да ја нападнат Албанија. Меѓу нив е и една од најозлогласените сајбер терористички групи. Ги информиравме нашите стратешки сојузници, земјите партнери во НАТО и уште неколку пријателски земји, со кои ги споделивме и непобитните резултати од истрагата што го докажува изворот на агресијата врз нашата земја“, рече Рама.

„Присилни мерки на Албанија“

Тој додаде дека оваа последна мерка „не е воопшто посакувана, туку целосно изнудена“ и дека е во целосна пропорција на сериозноста и опасноста од сајбер нападот, кој се закануваше да ги парализира јавните служби, да ги избрише системите и да ги украде државните податоци, кои може да поттикне несигурност и хаос во Албанија.

Loading...

Албанскиот премиер во јули изјави дека сајбер нападите што биле извршени на веб-страниците на Владата на Албанија не биле организирани од обични хакери, туку од една држава.

Албанската Национална агенција за информатичко општество (АКШИ) тогаш објави дека сите јавни интернет сервиси и владини веб-страници биле затворени по синхронизиран сајбер напад надвор од земјата.

„Она што сакам да го истакнам е дека, како прво, не станува збор за напад организиран од обични хакери, ниту од групи луѓе од овој мрачен свет кои често вршат вакви потфати дури и против многу поголеми и многу помоќни земји. Ова е организирана агресија на една земја“, рече тогаш Рама.