Цените на нафтата над 96 долари

Сподели со своите пријатели

Цените на нафтата се задржаа над 96 долари на меѓународните пазари во петокот, поддржани од знаците за посилна побарувачка на работна сила во Соединетите Американски Држави (САД), што ја намали загриженоста за забавување во Кина.

Loading...

Цената на барелот на лондонскиот пазар е речиси непроменета во однос на претходниот ден и изнесува 96,46 долари.

Позначителни ценовни промени немаше ниту на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 90,78 долари, пренесува Хина.

Трговците беа охрабрени од падот на бројот на нови барања за бенефиции за невработеност во САД, што навести солидна побарувачка за работна сила и покрај забавувањето на економската активност.

Оптимизмот беше поттикнат од силната потрошувачка на гориво.

Податоците ги ублажија стравувањата од рецесија поттикната од индициите за забавување на кинеската економија под притисок на строгите мерки за борба против новиот бран на Ковид-19, но и забавување во САД и еврозоната.

„Главниот извор на стравувања во моментов е глобалната рецесија и слабеењето на побарувачката, со оглед на слабите податоци од САД, еврозоната и Кина. Знаците за забавување на економскиот раст се сеприсутни и може да ја намалат побарувачката за нафта“, велат аналитичарите.

Новиот генерален секретар на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Хајтам Ал Гајс, за Ројтерс изјави дека е оптимист за побарувачката на нафта во наредната година.

Loading...

Тој додаде дека ОПЕК сака да ја задржи Русија во пошироката група, која вклучува и независни производители.

Цените беа поддржани од големиот пад на залихите во САД минатата недела, бидејќи компаниите најдоа купувачи во европските земји кои бараат замена за руската нафта.

Американскиот извоз скокна на рекордни пет милиони барели дневно.

Одделно, ОПЕК објави дека цената на барел нафтена кошница на нејзините членки во четвртокот изнесувала 98,22 долари, што е раст од 2,49 долари.

Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.