Рускиот претседател Владимир Путин им честиташе на својот индиски колега Драупада Мурма и на премиерот Нарендра Моди за 75-годишнината од независноста на Индија, се вели во пораката објавена денеска на веб-страницата на Кремљ.
„Во децениите откако вашата земја стана независна, таа постигна широко признат напредок во различни области, вклучувајќи ги економијата, социјалните прашања, науката и технологијата. Индија со право ужива значителен авторитет на светската сцена и има конструктивна улога во решавањето на меѓународните проблеми“, се вели во соопштението на Кремљ.
Во пораката на Путин се наведува дека односите меѓу Русија и Индија се развиваат во „духот на привилегирано стратешко партнерство“ и дека Москва и Њу Делхи успешно соработуваат на различни полиња, како и во рамките на ОН, БРИКС, Шангајската организација за соработка и други мултилатерални организации.
„Сигурен сум дека нашите заеднички напори ќе обезбедат продолжување на развојот на цела низа плодни руско-индиски врски во корист на нашите две земји и во интерес на зајакнувањето на регионалната и глобалната безбедност и стабилност“, рече Путин во пораката.
Денеска Индија го слави својот национален празник, Денот на независноста.
Таа земја доби независност на 15 август 1947 година, точно на полноќ, а тогаш првиот премиер на независна Индија, Џавахарлал Нехру, го подигна националното знаме над Црвената тврдина, што стана симбол на повлекувањето на британските колонијалисти.