Министерот за образование на Австрија, Мартин Полашек, смета дека наставниците кои се заразени со коронавирус, а немаат симптоми треба да ги подучуваат учениците.
Поласек истакна дека укинувањето на карантинот важи и за наставниците заразени со Ковид-19 и дека тие, како и вработените во другите области, треба да работат, со обврска да носат маска FFP2.
Тој нагласи дека постојат единствени правила на Министерството за здравство за сите вработени и дека тие мора да се применуваат и за педагозите.
– Доколку се појави нов сој, кој исто така е многу заразен и води до сериозни болести, ќе треба да се преиспитаат правилата – објасни тој.
Тој најави дека конечните правила за есента ќе бидат објавени на 29 август. Провинциите Виена и Бургенланд, каде на 5 септември почнува новата учебна година, најавија дека нема да ги принудуваат заразените педагози да предаваат во училиштата.
Синдикатот на наставниците го критикуваше министерот Полашек.
– Тешко е да се разбере дека децата кои се позитивни на корона мора да седат во училницата, а наставниците кои се заразени да предаваат – рече претседателот на синдикатот Пол Кимбергер.